Бизнисменот Орце Камчев, кој денеска беше спроведен Шуто Оризари за да сведочи во предметот Меѓународен сојуз, побара да биде изземен како сведок.
„Барам да бидам изземен затоа што во околности кога од обвинителството и судот грубо се крши законот и ми се одредува при твор, мојот кредибилитет како сведок е нарушен и нема да му бидам од корист на обвинителството”,рече Камчев додавајќи дека веќе не знае кое обвинителство го гони и во кој предмет.
Во однос на старечките домови, Камчев кажа дека Бојан Јовановски му рекол дека бил излажан од градоначаланикот на Карпош Стефан Богоев дека ќе му помогне за наоѓање локација и од тогаш не бил во добар однос со Богоев.
„Од Зоран Милески, Бојан Јовановски и синот на Катица Јанева ми беше понудено да инвестирам во Шопинг мол и во други работи. Не прифатив оти мислев дека нема економска логика.
Вториот проект беше финансирање на старечки домови преку `Меѓународен сојуз` – Јасна Мандиќ. Бојан Јовановски бараше локација во Карпош која е соодветна, јас имав локација, доаѓаше уште еден дечко од неговата компанија.
Беше спорен капацитетот, локацијата, тогаш Бојан ми кажа дека Стефан Богоев ќе помогне со локација, но потоа ми кажа дека Богоев го излажал. Беше наговестено дека доаѓаат пациенти – странци од скандинавските земји, а ние знаеме дека вработените наши не знаат таков јазик.
Но јас не потпишав ниту еден од двата проекти, беа прескапи“ рече меѓудругото во денешното сведочење пред Кривичниот суд сведокот Орце Камчев на судењето за предметот „Меѓународен сојуз“.
Камчев кој се уште ја дава својата изјава во судот рече и дека Фросина Ременски и таткото на Бојан, Миле Јовановски воопшто не ги познава.
„Никогаш во мојот живот Ременска, таткото на Бојан не сум ги видел ниту чул. Единствено што знам од Оливера Трајковска кога зборела кој се праел и што праел. Од Лазар Јанев, синот на Катица имаше потпис на документот.
Кичеец и Боки беа присутни, а на едниот од договорите беше Лазар Јанев. Не го познавам синот на Катица, сум го видел само на фотографии“ рече Камчев меѓудругото.