Производните цени во Германија продолжуваат да растат со вртоглаво темпо, па во септември тие беа за 45,8 отсто повеќе од 12 месеци порано.
Во август и септември е забележан најбрзиот годишен раст на цените на производителите од почетокот на мерењето во 1949 година.
Главен двигател на поскапувањето и натаму е цената на енергенсите, која за 12 месеци е повеќе од двојно зголемена од 132,2 отсто.
Дополнително, нагло поскапеа и полупроизводите, инвестициите и производите за широка потрошувачка, делумно поради енергетските производи.
Без енергијата, цените на производителите се зголемија за 14 отсто на годишно ниво во септември, соопшти Федералното биро за статистика.
Економистот на Комерцбанка Ралф Золвин оценува дека основната стапка е добар знак, бидејќи навестува олеснување на ценовната инфлација.
Золвин ова го припишува на повеќемесечното затишје на цената на полупроизводите, додавајќи дека се надева на одредено намалување на при тисокот врз цените на производителите во следните неколку месеци.
Тие цени пораснаа повеќе отколку што прогнозираа економистите од август до септември, за 2,3 наместо 1,5 отсто. Инаку, месечниот скок од 7,9 отсто меѓу јули и август е нов рекорд.
Цените на производителите го одразуваат инфлацискиот при тисок на ниво на производство, односно цените по кои производителите ги продаваат своите производи.
Тие се сметаат за ран показател за инфлацијата, бидејќи обично се прелеваат во малопродажните цени, велат експертите.