Хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи на Република Србија, кои беа ангажирани за гаснење на пожарот во селото Дренак во општината Старо Нагоричане, од утрово имале 21 налет и испуштиле околу 25 тони вода.
– По наредба на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, четири хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, три противпожарни, од кои два „бел“ и Х-145 се испратени да им помогнат на колегите од Северна Македонија и населението, додека четвртиот „газела” се користи за извидување и насочување, стои во објавата на српското Министерство за внатрешни работи.
Хеликоптерите кои денеска дејствуваа на гасењето на пожарите во пределот на Ранковце и на Пасјак, се повлечени поради високите температури.
Четири хеликоптери од Србија го гасеа пожарот во Ранковце, додека еден дејствуваше на територијата на Пасјак, но сите се повлечени.
Од ЦУК информираат дека сериозен е и пожарот околу Пехчево каде исто така реагирал хеликоптер кој подоцна бил повлечен поради дотур на гориво.
Најдоцна до утре се очекува во земјава да пристигнат 16 противпижарни возила и 46 пожарникари од Словенија за да помогнат во гасењето на пожарите.
Помошта од Словенија се реализира по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.
– Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, и напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија денеска од МО.
Вчера министерката се заблагодари за помошта од соседните држави и НАТО сојузниците и рече дека Северна Македонија може да смета на своите пријатели во неволја.
– Навистина ми е драго што колегата Тонин многу брзо реагираше позитивно, и по првичните најави за помош кои што дојдоа од Србија и Бугарија, имаме ист одговор и од страна на Словенија, Тоа покажува голема солидарност од страна на нашите сојузници и од соседите, рече министерката Шекеринска, стои во соопштението од МО.