Иселувањето на младите од Македонија зема се поголем замав. Секојдневно изглегуваат огласи за работа во Германија, Хрватска, Швајцарија, но и подалечни земји каде што младите воопшто не се колебаат да заминат.
Од една страна платата, а од друга повисокиот стандард на живот и загарантираната иднина ги привлекуваат и не сакаат да останат овде. Јас сум една мајка која и двете деца си ги испрати во странство.
Имам 58 години и живеам сама. Синот замина во Австрија уште кога заврши средно – не сакаше да учи и со вујко му замина да мајсторува и се уште живее таму.
Ќерката е многу помлада од него, немав некое време деца, па по 10 години си ја родив Христина. Добра ученичка ми беше, секогаш велеше мамо кога ќе пораснам ќе учам многу и ќе бидам докторка.
Не сакаше да ги следи стапките на брат и, иако помала од него секогаш му велеше ти се зафркна сега ‘рмбај си цел живот во туѓина. Не знам зошто ама на крај се предомисли и запиша Правен факултет.
Не сме учени ние, немаше кој да му помогне на детето, да го поттурне како што велат, и се откажа не продолжи кариера. Ја издржувавме со сопругот некој период ама веќе порасна, требаше сама да си го вади лебот.
Ја терав да оди кај брат и, да се спаси одовде и да почне нов живот таму. Лесно беше зашто имаше веќе сместување кај него, ама таа никако да прифати – младешки инает, не сакала покрај брат и да се влече.
Почна да работи како келнерка па продавачка ама малку пари и биле. Како родител барав начин да и помогнам и ја убедив да замине со една колешка од факултет вп Германија.
На почеток се беше супер, двете заедно најдоа работа, сместување се снајдоа како млади и со јазикот и беа стварно задоволни од платите. На секое јавување се фалеа дека им е многу убаво.
Велеше: Мамо тука е многу убаво, се е средено. Никогаш не чекам по една недела за да ми завршат некоја работа, секој си го гледа животот и не се оговара никој.
Ни испраќаа пари секој месец иако не им баравме ништо. Тие доаѓаа дома, ние им одевме на гости, синот се ожени за Австријка и си велев работите ни се средени конечно.
Бевме многу среќни што децата си го открија патот и си ја градат иднината се дури не ми се случи нешто неочекувано. Го загубив сопругот и останав да живеам сама.
Оттогаш ништо не ми е исто, живеам сама во четири ѕида и ништо не ми значи тоа што се слушаме со децата по двапати на ден. Осамена сум и ми недостасуваат.
Ајде синот веќе има своја фамилија таму, снаата е од таму и нема ни да се вратат тука, но та гувам по Христина. Како ќерка, таа да беше тука, повеќе ќе ме гледаше.
Се радував што децата заминаа во белиот свет и можат се да си дозволат, но по толку години првпат се каам што си ја пуштив ќерката во Германија. Камо да беше тука со мене или барем поблиску за да не сум цело време сама.