Еден од нашите најпознати актери, Сашко Коцев како гостин во утринската програма на „Телма“ зборуваше на низа теми и откри некои работи за првпат.
Неговото гостување изобилуваше со многу смеа и случки од неговиот приватен живот кои ги опишува на неверојатно забавен начин. Популарниот актер зборуваше и за својот нов филм чие снимање во Словенија заврши пред неколку денови.
Станува збор за словенечката долгометражната комедија „Нешто слатко“ во која тој истовремено глуми два лика кои треба да ја искористат првата и последната шанса во животот.
Покрај тоа што ја има главната улога во филмот, Коцев е и косценарист и копродуцент. Интересно е што Сашко иако е еден од најпознатите комичари во Македонија, ова е првата долгометражна комедија што ја снимил. Премиерата на филмот е закажана за јуни следната година.
Коцев раскажа дека снимањето на овој филм било прекрасно искуство за него и смета дека публиката одлично ќе го прифати. Но, лично тој не може да каже дека е презадоволен од себеси.
– Актерот никогаш не е задоволен, тоа е актерска бо лест. На премиера не го гледаш филмот, туку се гледаш себеси. Па не си задоволен, сметаш дека не си одглумил како што треба.
Си велиш „Добро бе Сашко, вака ли се глуми“ и си одиш дома разочаран. Тоа се нормални актерски болести, што според мене е исправно.
Најлошо е ако се конзервираш и се заљубиш во себе. Да си велиш „колку добро сум го направил ова, пак исто ќе го направам“. Тоа е погубно за еден актер – рече Коцев.
Како што раскажа, периодот на пандемија го поминува главно дома, готвејќи им на сопругата и четиригодишната ќерка, додека чека ситуацијата да се нормализира и повторно да им се врати на пробите и претставите во МНТ.
– Седам дома чекајќи го Годо. До пред пандемијата не се трудев многу околу готвењето, но со короната навистина напреднав, дури имам и специјалитети.
Само им кажувам на домашните „ова го јадете сега и никогаш повеќе“, затоа што тоа се мои измислени рецепти кои никогаш нема да успеам да ги подготвам пак – раскажа Сашко во негов препознатлив стил.
Сите сме ја слушнале шегата „Ако те запре сообраќајна контрола, кажи му виц на полицаецот и ќе те пушти“. Но, популарниот актер и стенд ап комичар Сашко Коцев тоа лично го доживеал пред неколку години.
Како гостин во утринската програма на „Телма“ тој сподели анегдота со покојниот актер Ванчо Петрушевски која сѐ уште му измамува насмевка кога и да ја раскажува.
– Се враќавме од проба со автомобил во кој бев јас, Ванчо и Гораст (Цветковски). Гораст возеше, а ние се шегувавме за тоа дека ако те застане полиција, треба само да кажеш виц и ќе те пуштат. И навистина нѐ застанува сообраќајна контрола. Добар ден, документи ве молам, му се обрати полицаецот на Гораст.
А Ванчо, од совозачкото седиште, потскокна и без најава почна „Си биле Грк, Македонец, Србин…“.Раскажувајќи го вицот, излезе од автомобилот, го фати полицаецот под рака и го однесе до полициското возило. Во меѓувреме му кажа уште 2-3 вицеви, се изнасмеаја, се поздравија и заминавме.
Во кола му реков „Ванчо, ти навистина си оригинален, му кажа еден виц и полицаецот навистина те пушти“. Среќа, не бевме за казна бидејќи ништо не згрешивме, но анегдотата остана – раскажа Коцев додека беше гостин во утринската програма.