Поради најавените рестрикции што започнаа да важат од 1ви септември многу наши иселеници побрзаа да си заминат од одморот во Македонија за да ги избегнат воведените мерки.
Но, до нашата редакција стигна порака од наш читател кој одлучил ова лето да не се враќа во странство после долги години работа. Во продолжение прочитајте ја неговата животна сторија.
„Скоро секој ден читам по порталиве како десетина автобуси од секој крај на Македонија заминуваат во странство, било во Италија, во Германија, во Швајцарија.
И јас бев еден од ти патници многу долго време. Откако станав полнолетен и почнав да работам јас заминав на печалба во Италија. Имав на времето еден вујко кој таму живееше и поради немаштија ме повлече со него.
Ете си го истерав векот таму. Ама, толку веќе, сега печалбарството и странството им го оставам на младите генерации, тие нека видат како се заработува лебот во странство.
Јас сум веќе на 4 – 5 години пред пензија, па може да замислите како сум го поминал векот. Натаму-наваму, релација Македонија – Италија цело време, но што да се прави кога бев принуден на тоа. Како млад отидов и големата желба за работа и пари не ме вратија назад никогаш.
Се враќав да ги видам само родителите и сестра ми, инаку не сакав ни да чујам некогаш да се вратам дома. Ми годеа парите, сам си живеев, си купив кола и знаев дека да останев во Македонија пак ќе работев нонстоп и немаше да имам толку заработка.
Денес слушаме разни гласини за животот и работата во странство. Некои се жалат и пак остануваат да работат, а некои пак се фалат како таму парите на дрва да ги берат, како се да им е позлатено.
Јас не се жалам воопшто, убаво си го минав векот таму. Со секојдневна работа како градежен работник сум одел по секакви плацови и на секакво време, сум работел и по лозја и како виљушкарист, секаде каде што имало потреба и ете сум си створил и куќа и возила и сопствен стан и немам од што да се жалам.
Се оженив со нашинка во Италија, имам две деца фала му на Бога живи и здрави се и тие работат во Италија. Им овозможивме да завршат факултет и тие како родени Италијанци многу полесно се снајдоа со работа на струката.
Од нив имам и внучиња и само здравје и среќа им пожелувам. Јас се откажувам од живеењето во Италија. Доста ми беше, иако не ми се сите работи донесени тука, сепак одлучив да не заминувам сега.
Ќе останам тука и дури дојдам до пензија ќе си работам по нешто од градежно ако најдам некаде. Ако даде Бог и од Италија ќе дочекам пензија само ќе треба повеќе да поживеам.
Откако останав без сопругата некаде пред 10 години ништо веќе не ми е исто. Децата си беа преселени и морав сам да живеам и да се гледам.
Не можам, без поддршката нејзина не се чувстувам убаво таму, решив дома да си останам за да видам дали домашното огниште малку ќе ме врати во убавите времиња.
Живеам во село и добро е што не се прелажав на времето да продавам ниви, сега барем и со нив ќе може да се занимавам колку да одгледувам нешто за своја потреба и за децата.
Има доста мои врсници тука, па сакам и со нив малку да се дружам. Тие цел живот дома останаа и работат како земјоделци или сточари. Ќе се навратам барем на животот од пред 40 и повеќе години кога бевме мали и заедно си игравме по дворовите.
Сега ни останува само да си раскажуваме за поминатото време. Децата не се сложија со мојата одлука зашто мислат дека ќе ми требаат, веќе стар сум бил и можеби некогаш ќе ми треба помош.
Едвај успеав да ги убедам дека ќе останам тука, па ако некогаш имам потреба пак можам да одам во Италија иако не мислам така. Осамостоен сум веќе и можам се да си сработам сам, не ми треба помош, а најмалку па не сакам на децата да им стварам терет.
Оставам тие да работат и да дочекаат старост за да можат како мене да уживаат во работите кои ги створиле, да уживаат во пензионерски денови и да имаат внучиња околу себе.
Мојот совет отсекогаш си останува ист: секој млад што може да замине од Македонија слободно нека оди, да не ја слуша околината за тоа каков е животот таму, дека се црнчи од утро до мрак, не..сигурно животот е многу подобар од тој што ќе го имаат во Македонија и знам дека сигурно ги знаат предностите на Европа“.
Автор: А.Л. Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк