И покрај моменталната состојба, граѓаните не се откажуваат од свадбите и големите трошоци за нивна реализација. Задоволни од сезоната на венчавки се музичарите кои рекоа дека закрепнуваат по двегодишното затворање поради ви русот.
Сепак менаџерите на рестораните велат дека значително е намален и бројот на гости на свадби, од 350 или 400 колку што беше порано, сега бројот е намален на максимум 250 гости.
Цените и инфлацијата си го прави своето, па ова до некаде е и очекувано, а од друга страна и луѓето, поточно сите гости не можат да си дозволат да отидат на свадба.
Еден таков пример ни пристигна до редакцијата од нашиот читател Зоран кој како што вели не може „глава да крене“ од свадба. Но не станува збор за некој угостител, музичар или од фото студио, туку обичен граѓанин, поточно гостин.
„Како што сме сведоци, периодов буквално се прават свадби секој ден преку неделата. Зурли, тапани, свирежи од автомобили и весел народ на сите страни.
Што поради тоа што претходните години не се правеа свадби поради мерките, што поради тоа што си дојдоа иселениците, буквално сум затрупан од свадби.
Јас со семејството кое живееме и работиме во Македонија овој месе, поточно август изгледа платите ќе ги оставиме само на свадби. А од каде ќе има за сметки и храна и други трошоци ниту јас не знам.
Само оваа седмица сум на четири свадби, а до крајот на месецот имам уште шест, а не исклучувам можност да излезе уште некоја друга.
Понеделник, вторник, петок, сабота. Четири дена од седум во седмицата ќе поминам на свадби, негде сум дури и сват, што се вели целодневна.
Некој ќе ми рече па не оди на сите, но како да го направам тоа кога сите ми имат дојдено. Сите ми се блиски луѓе кое ме почитувале и поканиле, па како да не ги удостојам со моето присуство.
А како ќе го изведам тоа и јас не знам. Трошоци на сите страни, да ставиш во плик некоја пара, да се подновиш со неко парче облека, ти, децата, сопругата. А и да не заборавам лето е, август е.
Ќе треба и на море да се отиде некој ден, за дрвата кои поскапеја ни да не зборувам, тука се и зиминиците, тешки денови следат.
Автор: С.И. Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк