Во хотелот Александар Палас во Скопје синоќа се одржа традиционалниот Ромски бал, настанот кој што е во организација на Сојуз на Ромите, на чие чело е Габриел Бајрам, син на политичар Амди Бајрам, кој со децении наназад беше организатор на балот.
Со голем број на посетители од целиот свет, кулинарски специјалитети, неограничен пијалок, гостинки во гламурозни тоалети и гости во костуми, средени буквално како што доликува за на бал, присутните имаа ноќ за памтење.
Музичките гости кои ги забавуваа присутните на балот беа дојдени од целиот Балкан. Слаѓа Алегро, Кеба, Џемаил Гаши, Ахмет Расимов, Бернат Демирали, Џефрина Идриз, Таркан Сулејман, Ервин Аметивски, Газоза Бенд, Анета Мицевска – Молика и многу други се фатија за микрофонот.
Во еден момент, додека битолчанката Анета Молика пееше, нејзината колешка Слаѓа Алегро погодена од стиховите, започна да плаче, а настанот го забележаа камерите.
И други гости ја поминаа ноќта низ забава, но и со понекоја солза, во знак на сеќавање на Амди Бајрам, кој беше еден вид на заштитен знак на балот.
Во минатото, тој секогаш знаеше да ги изненади присутните со интересна гардероба, специјално сошиена за балот, па имаше години кога се појавуваше како Султан Сулејман, или пак дури и по неколку пати во тек на вечерта менуваше костуми.
На балот се избира најубава Ромка, а додека Амди го организираше, голем број на политичари од врвот редовно седеа на иста маса со него, како специјални гости, а своевремено Сашо Мијалков беше дури и кум на манифестацијата, кој ја крунисуваше мисицата.
Последен пат Амди беше организатор на балот во 2020 година, кога настанот се одржуваше по 41-ви пат.
Потоа, наредната 2021 година балот не се одржа поради актуелните мерки за заштита од вирусот. Годинава, традицијата со организација на најстарата и најпопуларна манифестација на Ромската заедница ја продолжува Габриел Бајрам, кој дојде на местото на неговиот татко.