Маре од Германијa: Џабе едни те други муабети, многу нема да признаат, ама сите ве влече Македонија

  • By admin
  • декември 26, 2021
  • 0
  • 331 Views

Новогодишните и божиќните празници секоја година не асоцираат на семејни собири. Родители, деца, баба, дедовци, се собираат роднини од сите страни и се подготвуваат традиционални семејни ручеци. Како велат старите, кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си.

Најважно е да си ја негуваме традицијата и да ги славиме најголемите верски празници. Како и секоја година и оваа година покрај пандемијата сведоци сме на масовно враќање на иселениците во Македонија.

Секојдневно преку граничните премини минуваат илјадници автомобили и автобуси со цел да се вратат во родните краишта. Како и вообичаено што пренесуваме искуства на луѓето од најразлични области од секојдневието, така и сега една наша читателка ни раскажа малку повеќе за нејзиниот живот поминат меѓу Македонија и Германија.

„Јас сум Марија, помеѓу луѓето позната како тетка Маре. Имам 56 години и живеам и работам во Германија веќе 20 години. Се иселивме со сопругот уште одамна, имавме некои роднини таму и успеаја да не повлечат натаму.

Причината е повеќе од јасна – потреба од пари, во тој период градевме куќа за да им обезбедиме дом на двајцата синови, па моравме да одиме во странство. Оттогаш и не се вративме.

Куќата им ја направивме ама за џабе, тие си се снајдоа и си останаа во Германија, кој би знаел оти ќе ни се допадне таму и нема никогаш да се вратиме назад.

Сега до ден денешен се враќаме во Македонија само за време на зимскиот и летниот одмор. Синовите се фамилијарни луѓе, па сите вака си одиме на куп.

Моите родители се се уште живи, па најмногу заради нив се враќаме. Доволно се здрави за да ни се израдуваат и да не пречекаат најубаво како и секогаш.

Иако сите можеме во Германија да си ги поминеме празниците и одморите, сепак не е како дома. Сите не влече родната земја, барем на десетина дена да си поседиме и да се изнавидиме со роднините и пријателите.

Едно видување – еден век! Малите не ја сакаат многу како земја, ама се гордеат пред другарчињата со тоа што секогаш можат да отпатуваат во странство за време на одморите.

Мене најубаво ми е дома, во Германија цело време работиме, немаме многу слободни денови за дружби и со децата ретко се гледаме. Вака си користиме да се собереме сите заедно и да си поминеме најубаво.

Ние постарите сме си повеќе по семејните вредности,најважно ни е времето поминато со најблиските иако тие најчесто знаат да не избегнуваат поради премногу обврски.

Младите се грижат само да се финансиски добро обезбедени, барем во Германија каде што на многу мала возраст се осамостојуваат и заработуваат свои пари.

По кажувањата од роднините долу во Македонија, повеќе се троши од што се заработува, а како е можно не знам. Сите си сакаат излегувања во кафана, кафичи преполни, ноќни клубови и тоа најмногу од млади невработени лица.

Се жалат луѓето дека платите им се мали, ама скоро сите имаат пари за да си проживеат убаво. Или па има такви што не се пони жуваат да работат за минималец, па уште си бараат од мама и тато.

Е тоа во Германија не го гледате и лично мене многу ми се допаѓа. Моите деца одамна се независни и убаво си заработуваат, обезбедени се и со автомобили и со сопствени станови.

Ама џабе се сите пари ако душата ти тагува по родниот крај. Еден ден сигурна сум дека јас и сопругот би се вратиле да живееме во Македонија.

Јас би сакала куќа на село каде што ќе можам да уживам во чист воздух и во домашни производи. Кој што сака нека вика, ама нигде не е поубаво од дома.

Иако многу луѓе знаат само да ги фалат туѓите земји, како во Македонија немало никаков живот, сепак, каменот си тежи на своето место. Сите тие приказни кои ги кажуваат може да ги верува само некој што никогаш не бил иселен од дома.

Особено па ако семејството ти е долу, а ти си принуден да се иселиш за подобра плата – е од тој поголем копнеж за дома нема. Најголем доказ за тоа ви се гужвите на границите периодов“.

Автор: А.Л. Фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.