Во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, кој се одржа вчера, во Македонија гласаа 323 бугарски државјани, што е двојно помалку од пред две недели, кога паралелно со првиот круг од претседателските избори се одржаа и парламентарните избори, според податоците на Централната изборна комисија.
Од 323-те гласа во Македонија, 205 освои досегашниот претседател Румен Радев, кој освои втор мандат со над 66 отсто од вкупниот број на излезени избирачи. Неговиот противкандидат во вториот круг, Атанас Герџиков, во Македонија освои 123 гласа.
Во Македонија вчера се гласаше во Битола, Кавадарци, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица и Штип. Најголема излезност имаше во Скопје со 128 гласачи и во Охрид со 84 гласачи.
Премиерот Зоран Заев вечерва во телефонски разговор му ја честитал победата на претседателот на Република Бугарија Румен Радев на претседателските избори што се одржаа денеска.
-Во телефонскиот разговор што го имав со Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, му ја честитав победата на претседателските избори и посакав добробит за нашиот сосед и за целиот бугарски народ.
Се согласивме дека Бугарија и Северна Македонија ќе продолжат низ дијалог и меѓусебно разбирање да бараат решенија во име на заедничката европска иднина, стои на фејсбук профилот на премиерот Зоран Заев.
Според паралелното пребројување на 100 отсто гласови направено од Галуп, актуелниот претседател на Бугарија и кандидат за втор мандат Румен Радев доби 66,4 отсто гласови. Независниот кандидат Анастас Герџиков освои 31,9 отсто.
Поранешниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија Милен Керемедчиев за БНР изјави дека при тисокот од САД врз Бугарија ќе се зголеми.
Запрашан дали претседателот Румен Радев има поинаква визија од лидерите на Продолжуваме со промената“ за односите на Бугарија со Република Северна Македонија, Керемедчиев изјави:
„Расположението во Бугарија е повеќе во согласност со ставот на претседателот Радев, но мораме да забележиме дека навистина следната година притисокот врз Бугарија, особено од САД, ќе биде исклучително силен. Има уште еден говор во американскиот Конгрес во оваа насока“.
Професорот Дејан Трајковски од Битола на својот профил на фејсбук сподели статус во кој вели:
Ние и Бугарите сме ист народ. Нив не ги бива за ништо и нас не не бива за ништо.