Автобусите полни – Македонците се враќаат од сезонска работа во Италија задоволни од заработката

  • By admin
  • октомври 10, 2021
  • 0
  • 4658 Views

За два месеци работа на лозјата или пак овошните настани во Италија, граѓаните пред се од источна Македонија заработуваат од 2.500 до 3.000 евра, пари од кои плаќаат превоз, а во некои случаи и храна и смештај.

Голем број граѓани од Виница, Кочани, Делчево, Македонска Каменица заминуваат на сезонска работа во Италија. Оние кои имаат искуство, велат дека станува збор за тешка работа, се работи 9 до 10 часа на ден.

„Не е лесно, мораш да спиеш во куќа со уште 20 луѓе, или во соба, со 5, 6, 7 луѓе. Се оди преку посредници и тие земаат дел од заработката на луѓето.

Кога ќе дојде време за одење во Италија, во градовите остануваат само пензионери и децата кои одат на училиште. Сметајте дека пред да тргнат многумина позајмуваат пари за да стигнат до таму“, вели делчевец.

Овој човек додава дека со оглед на фактот дека овде тешко се наоѓа работа, граѓаните од Истокот немаат многу можности да бираат, и немаат друг излез.

Но, не се само лозјата. Многу граѓани одат и на берба на јаболка во Италија.

„Јас знам некои луѓе што со години живеат во Италија и таму работат на одржување на лозови насади, а само зимскиот период престојуваат во Берово.

Сигурно се задоволни штом 10 и повеќе години се таму сопружниците. Еднаш кога правев муабет со нив ми рекоа дека работат таму најповеќе за да ги школуваат децата тука во Македонија, но да ги пуштат децата да го работат тоа што тие го работат, никогаш. Знам дека имаат обезбедено сместување, храна и осигурување од страна на газдите“, вели беровчанка.

Но, Италијанците велат дека оваа сума на пари е ниска и нивните граѓани избегнуваат да работат во земјоделство, па затоа се увезуваат работници од странство.

Кристина Корцето која живее во Џенова, раскажува дека собирањето на овошје, работата на село, во поле, за нив не носи многу пари, и единствено студентите повремено може да прифатат ваква работа, додека пак работата во пластеници е за нијанса поплатена.

Корцето вели дека во јужна Италија се случувало да бидат гонети и луѓе кои се бескрупулозни, не ги почитуваат законите, донесуваат работници од странство, при што им задржуваат дел од парите.

Деновиве на истокот на државата видливо е дека автобуски на туристички компании кои сообраќаат на релација до и од Италија се враќаат полни со сезонските работници.

Истите според коментарите се задоволни од заработката со која мирно ќе ја поминат зимата пред да заминат напролет повторно на сезонска работа на Апенините.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.