Славе од Струмица: Италија ми даде се, ама на Македонија сум благодарен за едно нешто

  • By admin
  • мај 20, 2021
  • 0
  • 7860 Views

Познавам многу луѓе пријатели и познаници кои се иселени од Македонија и без проблем велат дека би се вратиле дома кога платите би биле повисоки.

Јас во текот на овие 10 години како живеам и работам во Италија ниту еднаш не сум помислил да се вратам дома. Дури повеќе сум благодарен што воопшто сум се иселил, а ќе ви кажам и зошто.

По потекло сум од струмичко село, но кога почнав во средно училиште се преселивме во Струмица. Немав пари да се образувам понатаму, па затоа морав да им помагам на родителите и да се занимавам со земјоделие.

Знаете, кај нас плодна е почвата и од зеленчук сè одгледувавме и продававме. Во тогашно време имав помали трошоци и ми стигнуваа парите иако не беа многу.

Знаев дека со пот се заработуваат. Но, како што растев, знаете, младите знае да не удри нешто в глава, гледајќи некои од моите пријатели како заминуваат одлучив и јас да заминам во странство.

Едноставно не сакав повеќе да живеам тука, ми беше здосадено, а и не сакав да се печам по нивите од рано утро до вечер. Дополнително не се ценеше нашиот труд, не исплаќаа доволно субвенции, само земјоделец може да ме разбере. Па и колку обврски има околу нивите, колку трошоци, па на крај ако остане за нас нешто.

Гледајќи ги моите како се маcчат цел живот сакав да заработам многу повеќе пари, па да можат да одморат малку и тие. Одлучив да заминам во Италија.

Бев свесен дека и таму парите не паѓаат од небо и се подготвив за работа. Барем имав искуство, а таму се знае, почетна работа е на лозјата или на берба на овошје, но секако платата е многу повисока.

Првин почнав да работам на лозје, имав нешто искуство од дома па усправ да се снајдам. Живеев во стан кој го издаваше фирмата за која работев. Потоа пробав и берба на јаболки, праски, што било за што ќе слушнев од некого.

Немав никаков проблем со работата затоа што за еден ден заработував скоро колку за десетина дена кај нас. Откако веќе се снајдов тука почнав да се распрашувам по луѓе и сменив работа во градежно.

Не сакав да се ограничувам цел живот да работам на ниви. После тоа ми беше уште подобро. Го сменив и станот, си купив мал автомобил и како самец ми беше многу убаво за живеење.

Сепак за европска земја се работи и нормално сè е под конец средено за разлика од кај нас. По неколку години можам да кажам дека си направив мало богатство.

Почнав да им испраќам пари на моите и едвај ги натерав да се откажат од земјоделството – само колку за нив да одгледуваат. Овде ја сретнав и мојата сегашна сопруга со која имаме две деца.

Македонка е и таа само што е доселена многу години пред мене. Веќе и тукашни документи зедовме сите. Здравствен систем имаме беспрекорен, образование на ниво, е сега нема многу шетање но успеваме во некој слободен ден да прошетаме.

Повеќе работиме. Сопругата има завршено економски факултет тука и поради повеќето контакти успеа да нè снајде да отвориме своја фирма која се занимава со откуп и продажба на градежни материјали.

Всушност јас се разбирамм повеќе во тоа и се гружам за тие работи, а таа ги води економските. Имаме врски со повеќе партнери и добро ни оди.

Имаме своја куќа, автомобили и можам да кажам дека навистина има многу разлика од тука до кај нас. Никогаш не се ни двоумев околу тоа дали да останам или да се вратам долу.

Убаво ми е тука и благодарам на Македонија што ме натера да заминам од неа. Не дека цвета тука, само реалноста е дека треба многу работа за да се има пари.

Сега долу одам само двапати годишно да ги видам моите и се чудам како би функционирал да живеев таму. Ќе работев цел живот за малку пари и никакви поволности.

Обработил: Д.С Фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да биде преземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *