Саздо: Јас во Италија, бато во Германија, ама ксметот никако да ни дојде

  • By admin
  • јуни 7, 2021
  • 0
  • 899 Views

Мојата мајка порано велеше: „Синко, по ништо не трчај и ништо не форсирај, што е твое ќе си дојде“, а јас си ја слушав и си ставив во главата дека е така уште како мал.

Можеби да беа таа и тате малку поупорни во сè немаше да останеме во состојба во којашто сме денес. Јас и брат ми научени сме се да извршуваме полека, како порано старите што велеа – сè по ред, школо, работа, куќа, па дури потоа жена и деца.

Е ние двајцата последното сè уште го чекаме. Домашните како млади не нè тераа да се жениме, нè бодреа само работата да си ја гледаме, да се осамостоиме, па за другото кога ќе ни дојде време – тогаш.

Сега да ми е тогашниот ум, прво би се оженил, па сè друго. Сега не ми вредат ни куќата, ни автомобилот, ни парите што ги заработувам. Веќе 45 години имам, а брат ми има 48 и двајцата ја делиме истата судбина.

Не знам веќе во што да верувам, дали во судбина, дали во суеверија, не знам како баш и двајцата сме во истата ситуација. Можеби немавме време да се занимаваме многу со жени.

Се преселивме како млади во странство, спремни за работа и подобар живот, но ништо, времето си помина, а ние си останавме стари ергени.

Брат ми прв замина во Германија на печалба, планираше да заработи пари и да се врати дома да потспрема спрат од куќата за да се ожени.

Откако виде дека се слатки парите таму, сам си живее, никој не му стои над глава некако се предомисли и не се врати. Видов – не видов и јас по него заминав. Имаме еден вујко во Италија па тој ме снајде да почнам со работа на лозје, сè дури не се вработив во една фабрика.

Ми наоѓаа и кандидатки за да се оженам, но не бре, ниедна не ми годеше ниту пак сакав да си го расипувам ергенскиот живот мислејќи дека имам време.

Ако ништо друго барем си го проживеав животот во најубавите години. Сум одел и на журки, сум пиел со другари, колеги, сме патувале во други земји, но како и сè друго и ова мора да си има своја цена.

Сега кога сите другари и роднини се фамилијарни луѓе, кога се мислат на кој факултет да го запишат детето, јас уште немам ниту жена, ниту пак деца.

Се одвоив од сите поради овие работи, не сакам јас самец да се дружам со семејни луѓе.. А веќе се чувствувам дека возот ми заминал, досега не најдов жена, а камоли во иднина.

Брат ми исто така, не знам кој ветер ни ја донесе оваа не волја. Се грижам за мајка ми и татко ми најмногу. Луѓето остареа и не дочекаа внуци од своите синови.

Татко ми секој ден оди в црква да се моли за нас, да се скрасиме, но џабе е. Џабе ни се сега и куќите и сè што направивме долу, кога нема детска смеа во нив.

Не вреди во животот само да работиш и работиш за пари, а другото да чекаш само да си дојде. Чекајќи вистинското време да дојде, веќе се пропуштаат многу работи.

Знам дека има доста ергени како нас кои ќе се препознаат, но ете, против некои работи не се може колку и да се обидуваме. Се надевам дека секој од нас ќе си ја пронајде среќата еден ден иако не верувам дека некоја би дошла со нас сега да започнува живот.

Знам само дека да сум повторно млад, јас би ја презел судбината во свои раце и по секоја цена ќе се скрасев. Но ајде, Саздо, си се тешам самиот, подобро вака самец, отколку самец после неуспешен брак.

Обработил: А.Л. Фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на Кластер.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *