Повеќе нема дилеми: Од недела за влез во Германија нови мерки – ќе важат и за патниците од Македонија

  • By admin
  • јули 30, 2021
  • 0
  • 14479 Views

За сите невакцинирани патници новите мерки, донесени од германската влада, се задолжителни, сеедно дали во земјата влегуваат со воз, авион или со автомобил.

Оној кој патува за Германија и има најмалку 12 години, од в недела (1. август) мора да докаже дали е вакциниран против коронавирус, има ли прележано Ковид-19 или поседува негативен тест.

Одлуката за новите мерки ја донесе германската влада на денешната седница. Заднината е надежта дека во иднина ќе се вакцинираат повеќе луѓе, се вели од Берлин, со оглед на ширењето на Делта варијантата.

„Сите невакцинирани патници кои влегуваат во Германија мора во иднина да се тестираат, сеедно дали доаѓаат со авион, автомобил или воз. Со тоа го редуцираме ризикот за внесување дополнителни инфекции“, објасни сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан.

На вакцинираните или оздравените не им е потребен тест, потенцираше Шпан, што значи дека на вакцинираните им се олеснува патувањето.

„Вакцинираните си заштедуваат тестирање и во основа не мора да одат во карантин. Летово сите имаат можност да се вакцинираат, имаме доволно вакцини“, рече Шпан.

Во донесениот документ се истакнува дека речиси сите држави во светот сѐуште се погодени од пандемијата на САРС-КоВ-2. „Преку патувањата и меѓуграничниот сообраќај постои можност за внесување инфекции и создавање нови жаришта“, стои во одлуката.

Освен тоа, во различни земји е потврдено постоењето на новите вирусни варијанти, кои делумно имаат загрижувачки карактеристики, во кои соаѓаат полесната преносливост, а против кои постои и делумно намалено заштитно дејство кај оздравените и целосно вакцинираните.

Потврдите кои патниците треба да ги имаат при влез во Германија ќе бидат проверувани по принцип на случаен избор, не се предвидени општи контроли директно на границите.

Од новата регулатива се изземени меѓу другите патниците на пропатување и оние кои работат во Германија, а живеат во соседните држави.

За да се поедностави системот на правила за влез во Германија, според министерот Шпан, во иднина ќе егзистираат само две класификации на земји и региони: оние со висок ризик и области или земји во кои се распространети вирусни варијанти, отпаѓа категоријата „едноставни“ ризични области.

Извор: Дојче вела на македонски јазик

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *