Како долгогодишен иселеник од Македонија постојано читам и следам вести за животот на луѓето таму. Се повеќе гледам дека луѓето сакаат да се селат оттаму иако некои од нив навистина не можам да ги сфатам.
Јас имам 48 години и веќе 15 години живеам и работам во Германија. Тука сум заедно со семејството, имам две малолетни деца, а се иселив заедно со сопругата па после стваравме фамилија.
Потекнуваме од сиромашни семејства и никогаш не сме можеле да си дозволиже луксуз, дури и многумина се чудеа како толку време сме заедно а деца немаме. Епа не бевме спремни најмногу поради финансиската состојба.
И двајцата работевме, но сакавме да заработиме повеќе за да можеме да се одвоиме и од куќата на моите. Вие што сте женети и што имате или имавте такви проблеми ќе ме разберете.
Првото дете го добивме кога јас имав дури 35 години. Ама тогаш знаев дека сум спремен и дека и мојата и иднината на децата ми е обезбедена. Сега воочувам дека е баш спротивно, младиве не се замараат многу, ќе си родат деца па после проблеми, нема пари, земај кредити да ги издржуваш. Семејството не е едноставна работа.
Но, да си дојдам до мојата цел – како јас се иселив од дома и како сметам дека после 15 години изгледа ситуацијата во мои очи. Реков дека не бевме баш доброситуирани со сопругата.
И двајцата работевме во фабрики и се живееше барем колку толку, можевме и да си заштедиме за иднината. Арно ама, знаете сите, кога настана приватизацијата во Македонија и сите тие проблеми за жал со сопругата останавме без работа.
Навистина беше тешко, со месеци седевме дома не знаејќи што да правиме. Ни до деца ми беше ни до ништо. Арно тогаш имав еден вујко кој работеше градежно па со него одев неколку пати месечно за да заработам дневница.
Мислам дека благодарение на него и на тие моменти ги добив корените на занаетот. Не сакаше да ме вработи за постојано, па баравме друго решение.
А кога се наоѓате во безизлезна ситуација правите нешта кои не сте ни помислиле дека ќе ги направите. И ние не сакавме, ама моравме во тој период да се иселиме.
Се снајдовме некако и заминавме во Германија. Добро е што не бевме сами, доста наши колеги соочени со истата ситуација излезот го најдоа во преселбата.
Фала Богу успеавме уште веднаш да се снајдеме, јас почнав со занаетчиство, малку градежни работи и така си вадев дневница, а жената се вработи како чистачка.
Не се срамевме од работата, сепак тоа беа нашите почетоци. Сега веќе по толку години сме унапредени, жената стана шеф на одделот за одржување на собите во хотел, а јас во градежна фирма со постојан работен однос.
Нормално, и приходите ни се зголемија, и деца си родивме и ни се среди животот. Сега не ни мислам да се вратам некогаш во Македонија. Оттогаш досега многу мои пријатели и роднини дојдоа преку мене да работат тука.
Им помогнав на многумина да се снајдат. Некои навистина имаа потреба од пари, таму платите се стварно мали за живот, ама за некои од нив навистина немам коментар.
Секоја чест на тие што се трудољубиви и од што мораат доаѓаат со пот да заработат пари. А онаа друга група на луѓе кои не од зор, туку повеќе од ненаситност и помодарство се селат и да не речам, им зафаќаат работни места на луѓе на кои навистина им требаат.
Тие се луѓе на кои не им требаат пари за преживување туку за луксуз, имотни луѓе кои повеќе за да бидат “оние од странство” се селат. Оставаат убави плати и куќи во Македонија за да работат во фабрики, да прават сендвичи или да мијат садови.
Не е моја работа, ама стварно им се чудам. Место да си седиш таму, да си диплиш пари и да си живееш убав, мирен живот, ти доаѓаш во Германија или друга земја за да ‘рмбаш од ненаситност за пари.
А со тие плати во Македонија може многу убаво да се живее, тешко е за тие кои земаат 15 или 16 илјади плата. Ситуирани луѓе кои лакомо бараат повеќе пари и се ќе направат за да се дограбаат до поубаво работно место.
Оставете малку на тие што навистина им треба, па мора некој и во Македонија да остане, што ќе биде ако сите се иселиме, чунки тука за џабе делат пари.. не е сè толку лесно и убаво тука, немој да мислите!
Обработил: А.Л. Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан или ремитуван без дозвола од редакцијата на Кластер.мк