Од денес во Германија започнаа да важат нови мерки – слични на оние од Македонија

  • By admin
  • август 23, 2021
  • 0
  • 6461 Views

Пристап во јавни објекти во Германија од денеска (23.08.2021) имаат само лица кои се вакцинирани, негативно тестирани или ја прележале болеста, објавува Дојче веле на македонски јазик.

Според договорот на сојузната влада и сојузните покраини, овие правила важат за клиники, домови за стари лица, теретани, базени, фризерски салони, хотели, ресторани и разни манифестации.

Правилото е наречено „3Г“, зашто на германски сите три збора – вакциниран, тестиран и оздравен, почнуваат со буквата „г“ (geimpft, getestet, genesen).

Во саботата инциденцата – бројката на новозаразени на 100.000 жители за седум дена, првпат од мај премина 50. Најголем скок од новоинфицирани бележи Северна Рајна Вестфалија, каде има 99,2 нови случаи на коронавирус на 100.000 жители за една седмица, а на второ место е Берлин, каде вредноста изнесува 67,3. Германскиот просек утрово скокна на 56,4.

Расте и бројот на пациенти заболени од ковид кои мора да бидат згрижени во болница, посебно се погодени лица меѓу 35 и 59 години. Речиси сите инфекции се предизвикани од Делта сојот.

Според податоците на Институтот „Роберт Кох”, луѓето кои се вакцинирани се инфицираат поретко, а оние кои сепак ќе се заразат, ретко имаат тежок облик на болеста.

Меѓутоа, од февруари досега, без оглед на вакцинацијата, се заразиле повеќе од 13.000 луѓе. Но, само 2,4 проценти од пациентите на возраст меѓу 18 и 59 години, кои се лекуваат на одделенијата за интензивна нега, биле целосно вакцинирани.

Институтот „Роберт Кох” од почетокот на пандемијата регистрирал 3,9 милиони заболени лица. Млади луѓе кои зачекориле во третата деценија од животот, а бројот на вакцинирани меѓу нив е посебно мал, заболуваат од коронавирусот десет пати повеќе во однос на луѓето кои имаат меѓу 65 и 84 години.

Темпото на вакцинирање во Германија минатата недела остено забави, целосно се вакцинирани 58,8 % луѓе, а 63,9 % со најмалку една доза.

Покраинскиот премиер на Баварија, Маркус Зедер не сака да се ориентира веќе само врз основа на инциденцата: „Врз основа на високата вакцинална квота, методологијата која беше применувана во првите три бранови коронавирус, односно инциденцата, веќе не е соодветна“, изјави тој за минхенските медиуми.

Тој се залага за тоа многу повеќе да се земе во предвид ситуацијата во болниците и да се направи „некој вид болнички семафор“, кој би означувал црвена линија.

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан денеска исто така пледираше од Законот за инфективна заштита да се избрише граничната вредност на инциденца од 50, по која автоматски следуваат поголеми ограничувања за граѓаните.

Шпан предлага уште пред изборите на 26 септември Бундестагот да донесе измени во Законот за инфективна заштита и да се воведат нови параметри, првенствено тоа -колку пациенти се наоѓаат на болничко лекување.

Шпан исклучува можност на лицата кои се целосно вакцинирани или кои прележале Ковид-19 во иднина да им се ограничуваат контакти и излегувања.

Целта, според него, е низ есента и зимата да се помине без дополнителни мерки, со придржување кон познатите правила за престој во затворен простор – дистанца, хигиена и маски, како и со помош на правилото „3Г“ во затворени простории, а крајно и со мотоото: „вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *