Во ова време – невреме вистинска реткост е да слушнеме некоја убава и позитивна вест која ќе не израдува покрај секојдневните проблеми околу платите, цените или политиката.
Во соседството се одржа традиционалната манифестација „Здраво пролет“ и годинава го имаше својот најсладок и најатрактивен дел – бебешката трка во лазење.
Мајки, татковци, баби и дедовци од Кикинда не ги штедеа грлата и дланките додека навиваа за своите малечки и ги бодреа во оваа преслатка трка.
Малите лазеа по патеката полна со топки, тропкалки и други играчки. Се натпреваруваа 14 деца и сите беа наградени, а посебна почест заслужија најбрзите.
Во категоријата момчиња победник беше едногодишниот Вукан Наџалин. Мајката на момчето, Ивана, не го криеше задоволството.
– Нè изненади Вукан. Во времето кога се одржува трката тој обично спие. Вукан беше уморен, но и брз. Учествуваме затоа што ова е начин да го поддржиме овој убав настан – изјави Ивана за Градски онлајн.
Во категоријата девојчиња победничка е Дарија Вучковиќ, 13,5 месеци. Нејзината мајка Марина вели дека Дарија оди, но дека сепак сака да лази.
– Ја пријавивме Дарија за дружење и за поддршка на „Здраво пролет“. Не се подготвувавме за оваа трка – вели мајката Марина за ТВ Кикинда.
Инаку, „Здраво пролет“ е манифестација која за прв пат се одржа во 1999 година. Наменет е за деца од предучилишна возраст, но и за нивните постари другарчиња.
Веруваме дека доколку и кај нас почне да се одржува ваква слатка манифестација заинтересираноста кај родителите ќе биде голема, пред се за дружба меѓу најмалите.