Музичарката Кристина сака да биде советничка: Искрено не се разбирам од политика, ама преку глава ми

  • By admin
  • септември 18, 2021
  • 0
  • 1277 Views

На 17 октомври ќе се одржат седмите локални избори од независноста на Македонија. Првите се одржани во 1996 година, а последните во 2017 година. Мандатот на градоначалниците и советниците во општините трае четири години.

За осумдесете градоначалнички позиции, колку што има општини во државава, ќе се натпреваруваат вкупно 297 кандидати кои се предложени од коалиции, партии и од група избирачи.

Според статистиката објавена на страницата на Државната изборна комисија од пријавените 56,13 отсто се мажи, а 43, 87 отсто жени.

Изборната кампања започнува дваесет дена пред денот на изборите што би значело дека за овие локални избори кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври.

Престојните есенски избори носат и неколку новитети кои ги немаше на досегашните. На нив ќе се гласа со апаратчиња за отпечаток од прст и има најмногу независни кандидати за советите и градоначалниките позиции споредено со претходните изборни циклуси.

Но интересни се очекува да бидат и битки за гласови во неколку општини.Пејачи, спортисти, глумци, лекари и по некој политичар, се најдоа на листите за градоначалници и советничките листи. На нив има од сите професии.

Поранешниот селектор на македонската репрезентација, Марин Докузовски, се најде на листата на СДСМ на општина Карпош. Со тоа и тој влезе во кругот на јавни личности кои ќе бараат место во политиката. За потсетување, Докузовски, ја предводеше репрезентацијата до историското четврто место на Европското првенство во Литванија.

Во трката за градоначалник на Куманово влезе и актерот Тони Михајловски, а од неодамна за Скопје, кандидатури поднесоа и музичарите Петар Георгиевски Камиказа и Бени Шакири.

Музичарот Петар Георгиевски Камиказа ќе настапи со Левица, а за разлика од него, Бени доби поддршка од ДОМ и ЛДП.

Во политиката ќе влезе и битолскиот поп-пејач и виолинист Димитар Андоновски. Тој ќе биде еден од кандидатите на СДСМ за советници на Општина Битола. Неговата кариера започна по „Плеј потрага по ѕвезда“ на М2 продукција, а уште како дете има настапувано на бројни музички фестивали.

Оперската певица Кристина Палија, сопран и магистар по соло пеење е дел од листата на кандидати за членови на Совет на Општина Неготино на Левица.

Таа е уште еден од низата на уметници кои се најдоа како кандидати на советничките листи, а за ,,Фокус” вели дека била уморна од она кое го гледа на политичката сцена во изминатите дваесет години, па затоа и прифатила да биде дел од листата.

-Од Левица побараа да им завршам работа за да пополнат листа. Јас искрено, не се разбирам од политика, ама преку глава ми е од практиките кои ги гледам дваесет години, и затоа прифатив, изјави за Фокус.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *