Како што е познато во далечната Австралија живеат и работат голем број Македонци кои со годините наназад се иселиле во потрага по подобар живот.
Тамошните Македонци важат за една од најголемите наши дијаспори во светот, а неодамна и пристигнаа бројки за тоа колку ја има. Над 25 милиони луѓе во Австралија го завршија Пописот на населението и домување предводено од страна на Австралиското биро за статистика.
Меѓу другото, податоците од Пописот ги демонс трираат мноштвото култури и јазици кои ја сочинуваат Австралија преку обезбедување разновидни податоци како што се: земјата на раѓање, потеклото, јазиците што се користат дома и религиозната припадност.
Првичните резултати од тој Попис кои се однесуваат на клучните податоци за населението беа објавени на 28 јуни 2022 година. Подолу се податоците што се однесуваат на македонската заедница во Австралија, објави Обединетата македонска дијаспора:
За прв пат, податоците покажаа дека повеќе од половина од сите жители на Австралија (51,5%) се родени во странство или имаат родител родени во странство.
Податоците од Пописот покажуваат дека вкупно 41.786 лица се пријавени како родени во Македонија. Околу 93% од тие луѓе се австралиски државјани, а околу 76% се на возраст од 50 и повеќе години.
Овие бројки се маргинално зголемени од последниот австралиски попис во 2016 година, каде што вкупно 38.985 лица пријавиле дека се родени во Македонија.
Од последниот Попис во 2016 година (98.441) има зголемување од над 13% на лицата кои се идентификуваат дека имаат македонско потекло.Околу 111.352 луѓе се идентификуваат со македонско потекло, при што 49.429 (44,4%) од тие луѓе живеат во Викторија и 43.775 (39,3%) живеат во Нов Јужен Велс.
Податоците покажуваат дека во Австралија вкупно 66.173 лица го зборуваат македонскиот јазик дома. Оваа бројка покажува благ пораст на податоците од Пописот во 2016 година, каде што беше објавено дека 66.019 луѓе зборувале македонски дома.
Македонскиот е најзборуваниот источноевропски јазик во австралиските домови. Тоа е јазикот што македонските Австралијци слободно го избираат да го зборуваат, негуваат и чуваат во своите домови.
Во клучен момент во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, кога Бугарија користи секаква политика за да го по нижи македонскиот јазик, податоците од австралискиот попис зборуваат многу за неговото значење во македонската австралиска дијаспора.
Податоците од Пописот во моментов не покажуваат колкав е бројот на луѓе кои се идентификуваат како „македонски православни“. Сепак, известува дека 535.470 луѓе се идентификуваат како „источни православни“ од кои 168.031 се родени во Јужна и Источна Европа (вклучувајќи ја и деноминацијата „македонска православна“).
Оваа бројка е само мало зголемување во однос на податоците од Пописот во 2016 година, во кој 502.801 Австралијци се идентификувани како „источни православни“.