Германската влада вечерва одлучи привремено да ги врати граничните контроли на својата југоисточна граница кон Чешка и делови од Австрија, прогласувајќи ги соседните држави за „мутациски региони“.
Од недела на полноќ граѓаните на Чешка и од делови на Австрија во Германија ќе можат да влегуваат само со негативен ПЦР тест за коронавирус.
„Покраините Баварија и Саксонија побараа од владата да ги прогласи Тирол (во Австрија, н.з.) и пограничниот регион на Чешка за региони со вирусна мутација, и да се воведат гранични контроли“, соопшти министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.
Германија и досега имаше строги ограничувања за влез во земјата на патници од ткн. тешко погодени региони од пандемијата. Дозволен е влез само на германски државјани или лица со право на престој и на неопходни професии како лекари.
Во последниве денови, бројот на новозаразени од коронавирусот се намалува, но во владата постои голем страв од новите мутации на вирусот. Загриженоста е особена голема од јужноафриканската мутација која е присутна во Тирол и од британската варијанта која драматично се шири во Чешка.
Во средата, владата и покраините се договорија да го продолжат локдаунот во Германија до 7 март. Стапката на новозаразени на 100.000 жители на неделно ниво, во меѓувреме падна на 64 лица, но владата сака да ја спушти до 35 пред повторно да дозволи олеснувања во јавниот живот – пренесува Дојче Веле на македонски јазик.