Изминатиов период Германија се соочува со огромен недостиг на работници во многу занимања. Затоа работодавачите, но и земјата воопшто, бараат начини како да се справат со недостигот.
Практично половина (49,7% од испитаните компании) во истражувањето на економскиот институт Ифо се жалат дека се принудени да ја намалат понудата поради недостаток на работна сила.
И ситуацијата се влош ува: во истото истражување спроведено овој април, 43,6% од компаниите го имале овој проблем, што е највисок процент од почетокот на ваквите истражувања во 2009 година.
И додека големите компании сè уште некако го „крпат“ своето производство со работниците што ги имаат, за малите компании – а особено за занаетчиите, работите се рамни на катастр офа. За некако да привлечат и задржат добри работници, тие се принудени да бараат нови решенија.
Така е и со Томас Шмаузер, кој има компанија за инсталатерски услуги во близина на Нирнберг. Четврток е последниот работен ден во неделата за неговите вработени – тие не работат во петок, сабота и во недела.
Понудата до вработените звучи добро, иако и газдата има ќар од тоа: од понеделник до четврток се работи девет и пол часа – што и онака не е исклучок на градилиштето, а потоа секој работник има три слободни дена. Значи 38 наместо 40 часа неделно за иста плата.
Мајке Бем кај него работи како инсталатерка и е презадоволна: може да се отпатува некаде во текот на долгиот викенд, а и многу е полесно да одиш на лекар или да направиш нешто кога го имаш на располагање цел работен ден, без да користиш денови од годишен одмор, вели таа за телевизијата АРД.
Задоволен е и инсталатерот Лукас Платнер: фактот што работат малку подолго едвај се забележува, бидејќи и онака им треба барем половина час повеќе за да се подготват алатите и да се исчисти градилиштето по работата.
А, сега троши помалку гориво, затоа што не мора да патува на работа во петок.Задоволен е и сопственикот, затоа што се случува нешто чудно: вака работат веќе половина година, а за тоа време имаат поголем промет отколку што имале со пет работни дена.
Тешко е да се привлечат луѓе со пари, бидејќи е сè потешко да се подмират сите обврски, а сепак нешто и да се заработи. Но, прилагодување на работната недела на овој начин – тоа може лесно да се направи, пренесува Дојче Веле.