Фолклорот е секојдневие на младиот Бобан од Кочани – изработува и свири на многу народни инстурменти

  • By klaster1
  • јуни 4, 2021
  • 0
  • 250 Прегледи

Љубовта кон македонскиот фолклор младиот Бобан Анакиев од Кочани ќе го натера да ја следи и негува од млади години и да го опстојува истиот.

Запишувајќи се во фолклорно друштво и учејќи се да свири на повеќе инструменти, 20 годишниот Бобан за себе вели дека е продолжувач на македонската традиција и изработувач на народни инструменти.

– Уште од многу мал имав интерес за македонскиот фолклор, па така се запишав во фолклорно друштво, се запознав со традиционалните македонски ора и инструменти.

– Научив најпрво да свирам на кавал, потоа и на гајда и тамбура а подоцна и на ќемане, вели овој млад творец кој е вистинска реткост во денешно време.

Анакиев истотака знае како се изработуваат овие инсрументи и вешто ги изработува истите. Почнувајќи од гајда па заинтересираноста кон тамбурата, денеска тој изработува и ќемане.

– Гајдата се изработува од дреново дрво, составена е од три дела, трогласна гајда а истотака и има и двогласна гајда. Првиот и најважен дел е ,,гајдарката,, , внатрешниот дел на гајдарката се буши и се отвараат мелодиските отвори.

– А потоа се прави најважниот дел кој е задолжен за убавата мелодија која излегува од гајдата а тоа е писката, која е доста важна.

-Таа се изработува од трска. Потоа следува другиот дел од гајдата кој се нарекува рог или брчало, кое е пак составено од три дела и тоа првиот дел пискар, вториот дел средно и третиот бучало.

– Потоа се заинтересирав и за друг инструмент, односно инсрументот тамбура, тајните на тамбурата и негово совладување ги дознав и ми беа објаснети од мајсторот Моне Димитров од Оризари.

– Ќемането пак е доста интересен инструмент кој е изработен од парче дрво, најчесто од круша или орев. Слично како и тамбурата.

– Се издлабува внатрешноста на корпусот, потоа се нанесува резонантната даска, потоа се ставаат и штимачите и се местат жичите. Овој инструмент се свири со гудало, а на самото гудало се додаваат влакна од коњски опаш.

Младиот Бобан веќе 10 години е член во фолклорна група, а како инструменталист веќе две години е член во група од изворен орекстар, составена од десет члена која има издадено и свое ЦД, со изворни песни од Осоговскиот крај, прнесува Мнет ТВ.