Никнал објект во дворот од куќата на македонка која живее во странство. Афродита Серафимовска, чија куќа е лоцирана на улица Дижонска бр. 11, во општина Чаир, веќе 20 години не живее во земјава, а неодамна била известена од соседите дека во нејзиниот двор покрај куќата се гради нов објект.
Оваа сторија во јавноста пред неколку години за првпат излеззе, но и понатаму е актуелна.
Иако поседува имотен лист за куќата, а како што вели, поднела и барање за легализација на дворното место, во нејзиниот двор се одвиваат градежни активности.
Афродита вели дека нема информација кој и што гради. Според неа, останува нејасно и врз основа на какви документи се вршат градежни активности на парцелата што е во сопственост на Република Македонија, а за која што е отпочнат процес на легализација.
“Непознати луѓе градат во мојот двор. Имам докази дека си водам постапка уредно и во суд и во општина и во сите институции”,изјави Афродита Серафимовска за Сител ТВ пред неколку години.
Откако преку својот адвокат се пожалила за случајот до надлежните институции, вели дека Градежната инспекција на Општина Чаир донела решение за рушење на отпочнатата градба. Објектот требало да се сруши на 06.09.2018 година, но акцијата била одложена.
“И понатаму продолжуваат градежните активности во мојот двор. Се обратив и кај градоначалниот, но не бев примена таму. До сите институции се обратив, писмено до Министерството за правда, до Министерството за внатрешни работи, до градежната инспекција… Се надевам дека сите тие институции ќе ми помогнат и ќе ми излезат во пресрет”, апелираше Серафимовска тогаш.
Цели три години таа не може да си влезе во својот дом на улицата „Дижонска“ во скопската населба Чаир, зашто некој во сред двор на простор од 1.000 квадрати си изградил куќа.
Куќата сè уште е таму, иако Серафимовска со години тропа на сите можни врати и лута по судските лавиринти за да докаже дека некој го узурпира нејзиниот простор и со тоа практично ѝ го одзема сопственичкото право. Исто така, како што тврди, постои и решение за уривање на објектот што е дивоградба, кое до ден-денес не е реализирано.
За весникот ВЕЧЕР таа раскажува дека колку подалеку оди случајот пред судските инстанци и колку поголем станува купот со докази, толку се топи и надежта дека Општина Чаир ќе го урне тој објект, за таа конечно да може да влезе во својот дом наследен од мајка и, за кој има тапија.
Последното големо разочарување за неа е неодамнешната пресуда на кривичниот суд со која извесен Спасе Атанасовски, кој го дал дворот, сметајќи дека полага право на него, е осуден на шест години зат вор, но во отсуство, зашто веќе една година издржува зат ворска казна во Турција. Во пресудата нема ништо за инвеститорот, ниту пак за уривање на дивоградбата.
-Во пресудата отсуствува лицето кое ги извршува градежните работи и ја прекршува привремената мерка од Судот во согласност со Спасе. Но, Спасе не е извршител на градежните работи.
Во пресудата има и неправилни толкувања на фактичката состојба. Стои дека е изградена плоча, а во суштина изграден е цел објект во кој живеат за мене непознати лица.
Истрагата траеше две години и за тој период приложив докази и фотографии. Барав проширување на обвинението, но јавната обвинителка тоа не го зема предвид, како ни фотографиите и останатите докази.
Со ова се раѓа сомнеж дека се бранат нечии интереси. Што е уште пострашно, човекот кој изградил куќа во мојот двор, по оваа пресуда продолжува со градењето, вели за весникот ВЕЧЕР, Афродита Серафимовска.
Целата сторија може да ја проследите на Вечер.