Од Германија пристигаат најави за воведување одново мерки за влез во државата

  • By admin
  • јуни 30, 2021
  • 0
  • 1106 Прегледи

Поради растечкото ширење на високо заразната Делта варијанта на коронавирусот, шефот на кабинетот на канцеларката Меркел се залага за поинтензивни контроли за патниците кои доаѓаат од риз ичните области.

Хелге Браун, шефот на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, за јавниот сервис АРД и ЦДФ изјави дека не исклучува дополнителни, можеби и задолжителни тестирања, заради запирање на ширењето на Делта сојот на коронавирус.

Тој го оцени за погрешно разбран ставот на владата во однос на заострените правила при патување. „Во никаква форма не се изјаснивме против заострени правила“, изјави Хелге.

Германија со двонеделниот карантин за повратниците од областите каде е раширен Делта сојот веќе има построги правила во европски рамки. „Слабата точка е што другите земји во Европа тоа не го прифаќаат“, истакна Хелге.

Во Германија сѐ погласни се барањата за построга контрола на германските туристи кои од одмор се враќаат во земјата.

Брзото ширење на Делта мутацијата во Германија е причина поради која сѐ повеќе покраински премиери инстистираат на заострување на правилата во однос на тестовите и карантинот за луѓето кои влегуваат во земјата.

„Контроли по принципот на случајни примероци кои моментно ги спроведува сојузната полиција, не се доволни“, вели берлинскиот градоначалник Михаел Милер. Неговиот колега од Хамбург, Петер Ченчер го критикуваше фактот дека според постојните правила, за повратниците од ризични подрачја е доволен еднократен брз антиген тест за да избегнат карантин:

„Тоа не е сигурно”, изјави Ченчер за весникот „Велт“, додавајќи дека сите повратници од корона-ризични и подрачја со висока инциденца кои не се вакцинирани, автоматски мора да одат во самоизолација, која би можеле да ја прекинат само со негативен ПЦР-тест најрано по пет дена поминати во карантин.

Слично разислува и берлинскиот градоначалник: „Контроли за тоа кој има негативен тест се можни уште при влезот во Германија, а потоа треба повторна контрола по одреден период поминат во карантин, како проверка дали некој навистина е негативен“, објасни Милер за ЦДФ: „Убаво е кога луѓето можат да одат на годишен одмор, но не сакаме со нив во Германија да се врати и опасноста.“

Уште пред тоа баварскиот министер за здравство Клаус Холечек побара интензивно контролирање на туристите на границите, првенствено дали имаат тестови, односно потврди за вакцинирање.

Идејата ја поддржа и премиерот на Долна Саксонија, Штефан Вајл: „Изричито го поддржувам барањето за вршење контроли на границите, односно луѓето кои влегуваат да имаат свеж негативен тест на коронавирус. Токму по ова прашање досега имаше недостатоци“.

И Вајл бара двојно тестирање за сите повратници кои не се целосно вакцинирани- пред влез во Германија, односно во текот на карантинот.

„Дури и во земји со релативно ниска инциденца постои опасност да се дојде во контакт со други туристи кои се инфицирани со значително позаразната Делта-варијанта“, укажува Вајл.

Извор: Дојче Веле на македонски јазик