Нов ден – нова објава на Никола Груевски – екс премиерот реши да објасни

  • By admin
  • април 28, 2021
  • 0
  • 3694 Прегледи

Екс премиерот и поранешен лидер на ВМРО ДПМЕН, Никола Груевски повторно се огласи на фејсбук:

Несфатлива е намерата на власта за задолжително порано пензионирање на вработените мажи на 64 години а жени на 62 години, од досега дадената можност мажите да можат да одберат да се пензионираат помеѓу 64. и 67. година а жените помеѓу 62. и 65. година на старост од животот.

1. Со развојот на медицината, фармакологијата и генерално технологијата, просечниот човеков живот во светот, особено во Европа и Америка се продолжува.

Речиси сите држави постепено во минатите 15-20 години одат на одложување на пензионирањето. Тоа е трендот и тоа има причина.

2. Ако некој се чуствува здрав и работоспособен зошто мора на 62/64 години да оди во пензија и да биде трошок на државата односно на пензиските фондови? Зошто да не му се даде можност да се пензионира три години подоцна ако самиот така избере, со што не само што нема да е трошок туку ќе допринесува во пензиските фондови, во здравствениот фонд итн, ќе се чуствува попријатно и по исполнето, а со своето искуство ќе допринесе во средината каде работел.

3. Ако идејата е како што некој кажа да се отвориле работни места за помладите, тогаш тоа е прилично погрешен начин на отворање работни места за помладите. Таквите работни места се отвораат со создавање услови од многу аспекти за раѓање на нови бизниси и проширување на сегашните, како и привлекување на странски директни инвестиции.

По оваа логика ако се донесе закон со задолжително пензионирање на 55 години веројатно целосно ќе го решиме проблемот со невработеноста но ќе отвориме многу други проблеми, а пред се проблемот на колабирање на пензискиот фонд, или огромни нови трансфери од буџетот во пензискиот фонд, што ќе доведе до одкажување на многу други проекти финасирани од буџетот, и не случајно ниту една земја во светот на вака вештачки и социјално и финасиски штетно решение не ја решава невработеноста.

4. Владата која ја предводев и покрај две големи светски/европски економски кризи и една голема домашна политичка криза, успеа да создаде услови да се отворат нови 182 илјади работни места.

При нашето доаѓање на власт во земјата имаше само 560 илјади вработени а при заминувањето 742 илјади вработени.

Наместо намалување на старосната граница за пензионирање ги следевме примерите на други држави, како Германија на пример, каде пензионирањето тогаш беше на 67 години, но заради сеуште многуте трудоинтензивни дејности во Македонија и реалната истрошеност на дел од вработените во тие сектори оставивме можност да може да се бира од самиот вработен пензионирање за мажи помеѓу 64 и 67 години и за жени помеѓу 62 и 65 години.

Од она што се сеќавам повеќе од вработените одбраа да го одложат пензионирањето а помалку од вработените одбраа да се пензионираат на 62/64.

Меѓу другото затоа што пензиите вообичаено се пониски од платите, а во услови кога здравјето не преставува проблем за работата, поголемите социјални контакти и можноста да се остане активен, се предност.

5. Државниот пензиски фонд функционира на начин што освен придонесите кои ги прибира, секогаш редовно месечно добива трансфери од буџетот. Истиот веднаш би се нашол во ситуација да не може да исплаќа пензии доколку нема редовни месечни дотации (трансфери) од централниот буџет и можеби околу половина од парите во овој фонд доаѓаат од централниот буџет.

И наместо да се трудиме државниот пензиски фонд што помалку да има потреба од трансфери од буџетот, Македонија оди во обратна насока. Наместо се повеќе пари да одат за капитални инвестиции, или нешто друго корисно за сите, парите од буџетот се повеќе ќе се исплаќаат на луѓе кои можат, знаат како, и сакаат да работат и луѓе чии врсници во повеќето земји во Европа работат.

Имам целосно разбирање за оние со тешка работа, истрошеност и нарушено здравје, кои едвај чекаат да дојдат до пензија и кои ќе ја искористат можноста за пензионирање на 62/64 години старост.

Но, зошто преку 10.000 луѓе годишно кои сакаат да работат и од својата плата секој месец да допринесат со најмалку 800 илјади евра придонеси месечно во државниот пензиски фонд (околу 10 милиони евра годишно), да мора да седат дома и наместо од нивните плати во фондот за пензиско да влегуваат годишно околу 10 милиони евра, од истиот да излегуваат околу три милиони евра месечно, односно 36 милиони евра годишно.

6. Сегашниот предлог закон нема ниту економска оправданост ниту социјално-здравствена, а најмалку верувам дека ќе се вработат младите.
Местата во државниот сектор ќе бидат пополнети со партиски кадри на власта од различна возраст и на тоа ќе се сведе се.

Ова не е би тка за младите. Ако се водеше за нив би тка ќе се донесеа најмалку 200 нови фабрики од странство и ќе се помогнеше на илјадници домашни фирми да отворат нови работни места.

Ова е би тка за задоволување на партиските кадри, пред се со вработувања во админситарацијата.