Нема повеќе кеш за музичарите во Македонија, а нема да може и секој да настапува

  • By admin
  • јуни 30, 2021
  • 0
  • 12640 Прегледи

По низа на средби и разговори помеѓу владини претставници и претставници на регистрираните здруженија на естрадни уметници во земјава, се планира формирање на комора, со цел да се стави ред на естрадата.

Естрадните уметници кои се најдоа во незавидна финансиска состојба поради корона кризата, и кои во неколку наврати добија државна помош, бараат решавање на нивниот статус и проблемите со кои се соочуваат.

Во таа насока, предвидено е формирање на комора на естрадни уметници.

-Целта е да се систематизира и стави во определена рамка оваа дејност, со што комората би издавала лиценци за работа на естрадните уметници.

На тој начин би се создал ефективен и конкурентен пазар, би се намалила сивата економија и системски ќе се надминуваат проблемите со кои се соочуваат естрадните уметници-информираат од Владата.

Музичарите изминатиот период беа на мета на остри критики од страна на јавноста, бидејќи се жалеа на незавидната состојба и бараа да им се овозможи да настапуваат под одредени протоколи, но исто така и бараа државна помош.

Беа актуелни обвинувањата дека пред пандемијата, голем дел од нив не плаќале никакви придонеси, односно даноци, па чести беа коментарите да си најдат друга работа додека трае пандемијата.

Со формирањето на комората, се очекува ставање на ред во естрадната бранша и регулирање на нивните настапи, но и примања.

Вчера беше донесена одлука за доделување на државна финансиска помош од по 500 евра на 745 естрадни уметници, односно сума од 372.500 евра.

За финансиска помош аплицирале дури 1.633 музичари, кои биле погодени од корона кризата, но било утврдено дека дури 888 од нив не ги исполнуваат условите за добивање на еднократната финансиска помош.