Конфекционерките од Штип низ солзи: Три месеци сме без плата, како да живееме

  • By admin
  • јули 9, 2021
  • 0
  • 2712 Прегледи

Наместо зад машина Ленче Милановска денес е надвор. Таа и петнаестина нејзини колешки не можат да се вратат на работа иако им заврши тримесечниот принуден одмор. Вчера им било кажано дека седиштето на фирмата не е повеќе во зградата каде работеле, а тие не се добредојдени.

Без плата немаат ни здравствено осигурување, па се доведени до состојба на апсурд и очај. Сопругот на Силвана Димитрова, треба да се оперира, ама сега нема осигурување.

Исплашени дека ќе им се повтори „Баргала“ кога 100 работници добија отказ оти три дена не се јавиле на работа, тие денес го повикаа трудовиот инспекторат, кој со записник потврди дека тие дошле на работно место.

Случајот со „Алкон-текс“ стана актуелен пред месец и половина кога педесетина работнички протестираа затоа што не ги повикаа на работа, бидејќи не потпишале документ дека се префрлаат во друга фирма зад која неофицијално стојат истите сопственици.

„Од раководството молк, но молк и од институциите што треба да утврдат дали има криминал во префрлањето на капиталот од една во друга фирма“

Кате Ордева е една од десетината вработени во штипска конфекција на кои не им е дозволено да се вратат на работните места по завршувањето на принудниот одмор. По 18 и пол години работен стаж и 3 месеци без плата, вели дека е вистинска уметност да се преживее.

– Тешко, та дури претешко, со една плата сега мажот ми што зема и со 3 дечиња, многу тешко. Немаме здравствено, немаме пензиско (осигурување), децата се осигурани кај мене, значи не дај Боже некој ако се разболи, кој ќе плаќа и кој ќе ги сноси трошоците, изјави Кате Ордева, текстилна работничка.

Низ солзи во очите дел од работничките ги раскажуваа семејните голготи кои ги поминувале.

– Банката секој ден ми ѕвони за кредитите и камати и се, 3 месеци без плата. Јас имам 6000 (рата од кредит), мажот ми 9000 денари. Со која плата да ги платиме, со една плата сум дома, изјави Бисера Кафтанова, текстилна работничка.

На други, институциите им нудат парадоксални решенија за да се спаси човечки живот.

– Мажот ми не може да издржи, а докторот не може да го оперира зашто нема документи. Отидов во Социјалното, ми рекоа да се разведам, зашто тој се води под мене, не е вработен.

Да си поднесам за развод на брак, за да тој може да си ги оствари неговите права, да се пријави под Заводот, за да зема здравствено (осигурување), изјави Силвана Димитрова, текстилна работничка.