Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, денеска на Твитер соопшти дека повеќе од 12 проценти од Германците примиле барем една од двете дози вакцина против Ковид-19, што значи дека во апсолутни бројки тоа е повеќе од 10 милиони жители.
Шпан додаде дека 4,3 милиони луѓе веќе ја примиле и втората доза на вакцината.
Според Институтот за контрола на болести „Роберт Кох“ и Министерството за здравство, само вчера во земјата биле имунизирани околу 217. 000 лица.
Шпан наведува дека досега се искористени речиси 10,7 милиони дози вакцина на „Фајзер“/ „БиоНТек„, 700 000 дози на „Модерна“ и 2,9 милиони дози на „АстраЗенека“.
Давањето предност на одредени демографски групи во редот на вакцините треба да почне да паѓа во втор план, бидејќи се зголемува бројот на достапни дози, објави денеска Здружението на германски лекари по општа медицина.
-Давањето предност беше и е добро упатство за лекарите, додека вакцината се уште е достапна во мали количества, рече Улрих Вајгелд од здружението за „Рајнише пост“.
Откако германскиот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ објави дека луѓето вакцинирани против ковид-19 немаат ризик од пренесување на вирусот, германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, најави ублажување на мерките за вакцинираните.
-Кој е целосно вакциниран, во иднина мора да се третира како и луѓето со нов негативен тест за ковид-19“, рече Шпан во интервју за неделното издание на весникот „Билд“.
Според најновите откритија, ризи кот од пренесување на вирусoт кај лица кои биле вакцинирани, најдоцна 15 дена по примањето на втората доза на вакцината, е помал отколку кај луѓето со негативен тест за коронавирус, се вели во извештајот на институт Роберт Кох.
Според институтот, луѓето кои примиле втора доза вакцина треба да бидат изземени од задолжителни тестови и карантин.
Германскиот министер за здравство рече дека извештајот на Институтот бил испратен вчера до федералните провинции со цел лицата кои биле вакцинирани што побрзо да се ослободат од обврската за тестирање и самоизолација.
Вакцинираните лица на тој начин би можеле да имаат пристап до услуги како фризери или влегување во музеи каде што е потребен нов негативен тест за ковид-19.
-Следните недели, во разговори со покраинските власти, треба да ги спроведеме новите мерки, рече Шпан.