Весна: Полн погодок беше одлуката по 10 години во Германија да се вратиме во Македонија

  • By admin
  • мај 24, 2021
  • 0
  • 463 Прегледи

Многу наши сограѓани постојано кажуваат и пишуваат за тоа колку во странство им е убаво и не би се вратиле во Македонија. Тоа е точно, не велам не, сум била и сум видела дека навистина има многу подобри услови за живот отколку кај нас.

Нормално дека треба и да се работи постојано, но свесен си дека имаш сигурна иднина. Јас и сопругот уште како млади се иселивме во Германија, некаде пред 10тина години.

Децата одеа на училиште, имавме трошоци и не можевме да се издржуваме како семејство, па решивме да побараме спас во туѓина. Тешко ни беше дури се снајдовме, седев некое време без работа за да им помагам на децата, знаете нова средина, ново училиште и им требаше поддршка.

Не беше тешко да се најде работа, работа имало и порано, а има и сега за тој што сака да работи. Сето изминато време живеевме убав и скромен живот иако заработувавме доволно за сè. Се навикнавме на новиот живот и не сакавме да се враќаме назад. Арно ама, со тек на време не знам што му стана на сопругот.

Му дојде една чудна идеја инспириран од слична ситуација со познат пријател во Германија и беше одлучен да се вратиме назад. Имал идеја за сопствен бизнис во соработка со пријателот.

Тоа беше пред околу 2 години. Не сакав да се селиме за да не ги оставиме децата, но тие веќе станаа полнолетни, едниот 25, а другиот 22 години и двајцата не поддржуваа да се вратиме.

Тие си се вработија таму зашто и покрај студирањето сепак мораа да работат за да си имаат доволно пари, беа самостојни и сепак не беше толку тешко за да заминеме.

Се вративме назад и иако секој почеток е тежок сега можам да кажам дека бизнисот одлично ни оди и се чувствувам исто како да живеам и работам во Германија.

Како економисти сами си водиме сè во фирмата, а имаме и вработени лица кои ни помагаат. Од друга страна убаво е и тоа што барем сме блиску до нашите родители кои веќе се возрасни.

Секогаш сме тука за нив, поминуваме време заедно, им помагаме – нешто што многу им недостасуваше досега. Кај децата си одиме повремено, не сме зависни од ништо и секој слободен период го користиме за да ги посетиме.

Фала му на Господ што имавме среќа, ем добро заработуваме, ем одржуваме близина со родителите, а децата ги оставаме самостојно да го наоѓаат својот пат. Им обезбедивме станови на двајцата синови што ни беше најголем проблем и си ја реновиравме куќата дома.

Подруго е кога работиш за европски пари, тоа го знаеме сите. Сепак се надевам дека ќе сакаат еден ден да го продолжат бизнисот после нас, па ќе се вратат.

Ми недостасуваат и тие, тоа е единствената негативна работа во преселувањето – мораш да бидеш разделен од најблиските. Барем денес младите немаат проблем со тоа, сите гледаат да заминат од оваа држава за подобар живот и многу родители се оставени сами да си копнеат по своите деца.

Ама само тој кој не видел како се живее во странство може да го спречи своето дете да замине, сите други се обидуваат да ги истуркаат надвор од тука за да го видат белиот свет. Сепак, секој со својата среќа.

Некој може да замине во странство и да работи цел век, ќе има пари но нема бел ден да види, а некој успева и кај нас да се снајде и да заработува и повеќе од доволно за живот.

Важно е да се има цел, особено важи за младите, не дозволувајте да ве експлоатираат за малку пари, ако сами не се снајдете во животот никој друг нема да ве снајде.

Јас воопшто не се каам што сум се вратила овде, но сечија ситуација е различна. Ако имате можност секогаш заминувајте за да видите како се живее и работи и надвор од овие граници, ако ништо друго барем ценета ќе ви биде работата.

Обработил: Д.С. фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на Кластер.мк