Андон заминал од Мала Преспа за САД и си отворил бизнис: Го одгледува тука, а го продава таму

  • By admin
  • јули 27, 2021
  • 0
  • 16013 Прегледи

Планинскиот чај од плантажите во Мала Преспа, Албанија, каде рачно се одгледуваат големи површини со овој насад, веќе две години завршуваат на американскиот пазар благодарение на Валентин Андон.

По потекло од Мала Преспа, каде живеат етнички Македонци, во 2019 година Андон заминува на студии по маркетинг во Чикаго. Но, трошоците за живот го принудиле да бара начин за егзистенција и подобар живот.

„Идејата почна со вујко ми. Ние и нашата фамилија одгледуваме чај во Мала Преспа. Имаме многу чај. Чајот во Мала Преспа е како тутнот во Прилеп.

Има многу количини, но понекогаш беше проблем да се продаде. Многу ла ги, проблем и чајот ќе остане и нема да се продаде. И затоа ние размислувавме тој чај да го увеземе во Америка“, вели Андон, сопственик на брендот „Активити“.

Откако добро го проучиле тамошниот пазар, потребите и соодветната законска регулатива, во 2020 година почнале со регистрација на брендот „Активити“, под кој денес се продава овој производ.

Пред да почнат да продаваат ги обезбедиле сите потребни дозволи од Федералната агенција за храна.

„Се зема чајот од Мала Преспа и доаѓа во Америка. Потоа имаме наши паковки и според американските регулации ние го пакуваме и го продаваме онлајн. Сега се прошируваме и во некои продавници“, вели Андон.

Идејата е нивниот производ да биде присутен и во некои од поголемите маркети каде се продаваат производи од балканските држави.

„Најчести клиенти ни се луѓето од Европа, односно од Балканот, Албанци, Бугари,Македонци, Грци. Овој чај за жал не е познат многу во Америка и затоа ние правиме се` што можеме да дадеме колку можеме повеќе информации за него“, вели тој.

Но, неговите планови не застануваат овде.

„Планираме да отвориме наши продавници во Америка каде луѓето ќе можат да дојдат, да седнат и да ги пробаат нашите чаеви“, рече тој.

Годишно увезуваат повеќе од сто килограми чај од Мала Преспа.

„Вие знаете дека многу луѓе од Мала Преспа доаѓаат во Охрид и Струга и го продаваат чајот на пат и на пазар. Но, јас планирам да им го откупам целиот чај и да го работам во Америка“, додаде тој.

Вели потребен е добро разработен маркетинг и бизнис план, а за поголеми успеси – време и многу работа.

„Јас на сите им порачувам да го прават тоа што тие го сакаат. Ако сакаш нешто треба тоа да го направиш без да си ја компицираш идејата“, рече Андон.

Неговата желба е еден ден да се врати во Македонија и во Охрид, каде го завршил своето средно образование.

Извор: Гласот на Америка на македонски јазик